Ојлески: Имавме темелни подготовки, Еурофарм има квалитет за четвртфинале

Само една македонска екипа играла финале на Челинџ Купот, битолски Пелистер. Иако дебитант, градскиот ривал Еурофарм Работник верува дека чекор по чекор може да се испише историја оваа сезона.

Капитенот Игор Трајковски и репрезентативното крило Гоце Ојлески ја пренесоа атмосферата во соблекувалната воочи првиот натпревар од осминафиналето против Филинген Берген од Норвешка. 

„Долго време се подготвувавме, долг период ја анализиравме и макотрпно работевме за исполнување на целта. Јас како капитен верувам во оваа екипа и се надевам дека публиката ќе ни даде поддршка да го обезбедиме четвртфиналето“, смета капитенот Игор Трајковски.

Репрезентативецот Гоце Ојлески исто така е оптимист по добро сработеното во неполн месец тренинзи и три контроли натпревари. 

„Имавме темелни подготовки, добро сме спремивме, ривалот одлично го анализиравме и сигурен сум дека ќе дадеме максимум за да издвоиме позитивен резултат, што ќе ни значи многу воочи реваншот во Норвешка. Еурофарм Работник има доволен квалитет за четвртфиналето на Челинџ Купот“, смета стружанецот. 

Билетите засилено се продаваат и несомнено Еурофарм Работник ќе има голема поддршка од битолската публика.