• Мартин Танасковски

Екипата на ГРК Охрид во следниот меч ќе му биде домаќин на Алкалоид, во дербито на колото во машката ракометна Суперлига. Гоце Ојлески го најави овој натпревар, искусното крило смета дека време е охриѓани да победат еден тим од „големата тројка“ - Еурофарм Пелистер, Вардар 1961 или Алкалоид.
„Пред нас е една тешка недела во која имаме два тешки меча. Играме со Алкалоид, тоа е една квалитетна екипа која цели да биде на врвот во македонскиот ракомет. Имавме меч со нив во првото коло, одигравме доста добар дуел, но тоа е минато, ова е нов меч на кој тие сакаат да победат. Секако и ние истото го правиме, ги анализиравме и посакуваме победа против една од екипите од „големата тројка“. Ќе дадеме се од себе да дојдеме до посакуваниот резултат. Распоредот е густ, ни следуваат и европски мечеви, ќе играме на секои три дена. Можеби е отежнето малку затоа што немаме доволно време за подготовка, но тоа е што е, имаме ростер со кој можеме да одговориме на сите предизвици“, изјави Ојлески.
Натпреварот меѓу ГРК Охрид и Алкалоид се игра во СРЦ „Билјанини Извори“ во среда со почеток од 19:00 часот.










