Охрид зеде шампионски скалп: Еурофарм Пелистер падна крај езерото!

Ракометарите на Охрид конечно зедоа еден голем скалп и го совладаа Еурофарм Пелистер со 29-25 (13-11) во натпреварот од 17. коло на Суперлигата. Домашната публика можеше да ужива во речиси перфектна претстава на своите миленици во салата „Билјанини Извори“, бидејќи во вториот дел на охриѓани буквално сè им појде од рака. Шампионот кој беше мотивиран од големата победа над ривалот Вардар во средата беше изненаден од новиот сериозен проект во мак-ракометот. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер:

Средбата тргна целосно израмнето, погодуваа Савревски и Ѓукиќ за домашните, а Манасков и Кузмановски за гостите (3-3). Расположеното крило на пелистерци ја донесе првата предност, пред да погоди и Кузмановски за 4-5, па Тасески и Ѓукиќ го вратија Охрид во позитива (6-5). Се играше целосно израмнето, гол за гол се до крајот на полувермето. Тогаш по голот на Манасков за 10-10 следуваа три гола во низа за домашните преку Петриќ, Лиапис и Ојлески, па на одмор се замина со 13-11. 

Во вториот дел со гол отвори пак Петриќ, па врати Манасков и следуваа две реализации на Јагуриновски за првпат да биде „плус четири“ (16-12). Успеа Охрид да го одбие налетот на ривалот, погоди Ојлески за 18-14 и тоа го натера Звонко Шундовски да свика тајм-аут. Тоа не вроди со плод и ривалот преку Петриќ стигна до највисоките 19-14. Одговорија пелистерци преку Хосни, но „гладијаторите“ пак врзаа два гола, овојпат преку Петриќ и Јагуриновски (22-16). Минута одмор по примен гол свика и Борис Ројевиќ, а тензијата порасна особено кај гостите. Имаше мини-инцидент во кој Богдан Радивојевиќ луто реагираше кон домашната клупа, па доби исклучување, а две минути беа покажани и за охриѓани. Одново домашните дадоа два гола во низа за ново највисоко водство (25-18). 

Имаше нов тајм-аут за гостите, но Охрид играше како во занес, Моралес блокира удар на Кузмановски и во контра разлизира Лиапис, а потоа битолчани пак погрешија. Следната казна за 27-18 беше гол на Петриќ. Конечно два гола врзаа и пелистерци преку Петар Атанасијевиќ (27-20), но недоволно за било што посериозно. Стефан Петриќ беше нерешлива енигма за битолската одбрана реализира уште двапати во низа. До крајот шампионот успеа да го ублажи поразот, ама тоа е мала утеха за лошото второ полувреме. 

Најдобар стрелец на средбата беше крилото на шампионот Дејан Манасков со осум реализации од исто толку обиди, додека кај охриѓани блесна Петриќ со седум. Голманот Кристијан Пилиповиќ беше двоцифрен и собра 12 интервенции, а Хеидаридад на спротивната страна заврши со осум.