• Горан Упале

Екипата на Охрид е третиот патник на завршницата од ракометниот Куп на Македонија. „Гладијаторите“ го одбранија домашниот терен во четвртфиналниот турнир. Во финалната средба го совладаа составот на Тиквеш со 34-25 и со тоа обезбедија место меѓу најдобрите четири екипи во најмасовното ракометно натпреварување во Македонија.
Момците на Стевче Алушовски отпорот на секогаш незгодниот тим од Кавадарци го скршија дури во вториот дел. Во првите триесет минути се играше израмнето и на полувреме се замина само со еден гол предност на домаќинот, но во продолжението Охрид завладеа на паркетот, постигна 19 голови, а прими само единаесет и тоа беше доволно за убедлив триумф и пласман на Ф4 турнирот.
Најдобар поединец кај победничкиот тим беше Орјоникидзе со осум гола, а одличен беше и Цирар со пет. За Тиквеш на висината на задачата беше Обина со девет гола.
Покрај Охрид, во полуфиналето се пласираа уште Еурофарм Пелистер и Вардар, а последниот патник ќе биде познат по завршувањето на четвртиот турнир, на кој фаворит е Алкалоид.