Охрид во последните секунди го „скрши“ Металург, за второ суперлигашко славје

Ракометарите на Охрид го победија Металург со 27-26 (15-12), запишувајќи ја втората победа во Суперлигата на Македонија. „Гладијаторите“ беа подобри во првиот дел, имаа предност, но ја испуштија. Иако Металург изгледаше дека го има натпреварот под контрола, во завршницата Охрид беше поконцентриран и успеа да победи со гол во последните секунди на Тот. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Охрид и Металург: 

Домашните ракометари одлично го отворија натпреварот, ја имаа почетната позитива и бргу дојдоа на предност од три голови. Металург немаше решение за добрата игра на „гладијаторите“, па во првото полувреме беше во подредена улога. Пред паузата Охрид поведе со највисоки четири голови, а на пауза замина со 15-12. 

Екипата од Автокоманда отвори со серија од 0-3 и бргу дојде до израмнување. Техничките грешки на Охрид придонесоа Металург да дојде во подобра позиција, бидејќи гостите од минус три дојдоа на плус три, па во завршните десет минути влегоа во добар моментум. Сепак, Охрид се врати во игра и мечот влезе во трилер завршница. 

Металург во последната минута промаши долг напад за предност, па му остави шанса на домаќинот. Иако гостите одлично се одбранија, во завршните секунди Денис Тот со удар од девет метри од контра страна донесе триумф на Охрид. 

Кај Металург со по шест погодоци се истакнаа Стефан Додиќ, Златко Хорват и Милан Поповиќ, додека во редовите на Охрид Бобан Блажески имаше пет. Голманот на „гладијаторите“ Даниловски собра вкупно девет интервенции, додека Ѓорѓески имаше една помалку.