• Мартин Танасковски

Екипата на ГРК Охрид направи голем чекор напред кон евро-куповите по завршувањето на актуелната сезона, затоа што на домашен терен славеше во дербито над Тиквеш (22-21) кое беше супер-драматично. Натпреварот на директните конкуренти беше вистиснки ракометен празник, затоа што се играше пред две навивачки групи во СЦ „Билјанини Извори“, а епитетот на дерби го оправда и изданието на актерите на теренот и неизвесноста до последната секунда.
- Комплетниот натпревар меѓу ГРК Охрид и Тиквеш:
Дуелот меѓу двете екипи беше крајно неизвесен од првата до последната секунда. Уште од почетокот се најавуваше ваков епилог затоа што двата тима константно си го предаваа водството и имаа по плус од еден гол, се до моментот кога првпат Тиквеш замина на 5-7 преку Атанасовски и Темелковски. Одредено време Охрид бркаше негатива, во еден момент беше и 7-10, но домашните водени од публиката се консолидираа и до паузата намалија на еден гол (12-13).
Вториот дел стартуваше исто како првиот, а повторно видовме момент кога Тиквеш се одлепи резултатски на 18-20. Сепак, тимот на Андоновски направи серија од 3-1, го сврти мечот во своја корист (22-21) на пет минути пред крајот, ама мал проблем беше исклучувањето на Бојаниќ. Сепак, тоа го поправи Александар Миленковиќ кој фати зицер од крило. Во следните два напади, двата тима направија технички грешки.
Потоа, откако Охрид промаши за плус два благодарение на одбрана на Брауновиќ, на влезот во последната минута Тиквеш доби напад за реми во кој одбраната на домаќинот блескаше. Со агресивен пристап, Охрид одби четири обида по ред на тимот на Брестовац и така ја одбрани победата на домашен терен и покрај големиот пресинг на гостите во последните секунди.
Најефикасен во Охрид беше Гал Цицар со шест погодоци, по три гола дадоа Дејан Шешиќ и Владимир Бојаниќ, додека во тимот на Тиквеш по шест пати погодија имаа Страхиња Симиќ и Арнад Хамзиќ. Охрид со оваа победа го презеде четвртото место на табелата во плеј-офот со 12 бода, пред Тиквеш кој со 11 бода е петти. Во следното коло Тиквеш игра со Бутел Скопје, додека Охрид го чека гостување кај Алкалоид.