Охрид со леснотија до триумф во „езерското дерби“ против Струга

Ракометарите на Охрид дојдоа до шестата победа во Суперлигата, откако во „езерското дерби“ со леснотија ја добија Струга 29-18 (14-7). Натпреварот во салата „Билјанини извори“ беше тотално еднонасочен, со сигурно водство на домаќинот од стартот до финишот и повеќе од заслужено славје. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Охрид и Струга: 

Струга тргна катастрофално, бидејќи по голот за 1-1, прими дури шест и охриѓани лесно се одлепија на 7-1. Тоа беше добра увертира и најава како ќе се одвиваат работите во продолжението од дуелот. До полувремето Охрид диктираше темпо, не дозволуваше враќање во игра на ривалот и на пауза замина со двојно повеќе погогоди (14-7).

Ниту по одморот Струга немаше решение за добрата игра на домашните ракометари. Предноста лесно дојде на двоцифрена бројка, а иако гостите се враќаа, јасно беше дека ги очекува дебакл. На крајот, охриѓани се радуваа на трите бода со единаесет гола разлика на семафорот. 

Најефикасен играч на натпреварот беше Влада Кастратовиќ од Струга со девет погодоци, а кај охриѓани се истакна Тасески со шест и Шилегов со пет гола. Победата на Охрид добива на тежина, бидејќи заради казна не настапи Младеновиќ, а екипата од клупата не ја водеше тренерот Стојановиќ.