• Мартин Танасковски

Екипата на ГРК Охрид првпат го победи Алкалоид сезонава во Скопје (27-26), во дуел од плејофот кој се одигра во Автокоманда и скокна на вицешампионското место на табелата во Суперлигата. Претходните две соочувања меѓу Ројевиќ и Лазаров беа нерешени, а овој триумф за „рибарите“ е важен за клубот и битката со Еурофарм Пелистер кого го чека дерби со Вардар 1961 за подобро позиционирање зад лидерот од Скопје кој е близу до освојување на титулата.
- Комплетниот натпревар меѓу Алкалоид и ГРК Охрид:
Мечот започна израмнето, а Алкалоид прв го зададе ударот кога се одлепи на 6-3. Сепак, следеше голем пад во играта на екипата на Лазаров, на тоа ГРК Охрид одговори со серија од 8-3 и така го сврти резултатот во своја корист (9-11). Главна алка во играта на гостинот во Автокоманда беше јапонскиот бек Јасухира, заедно со голманот Пилиповиќ, а во моментот кога „рибарите“ се одлепија на 11-15, одлични беа и резервните бекови Кукуловски и Савревски.
До крајот на полувремето Јасухира со симултанка донесе максимални пет гола (12-17). Стартот на вториот дел донесе проблеми за Ројевиќ, затоа што Лиапис доби црвен картон за удар во лицето на Ѓорѓиев по само три минути игра. Тоа Алкалоид го искористи, имаше простор во одбраната на противникот за лесни голови и враќање на само два гола негатива на 17-19. Пилиповиќ потоа беше одличен на голот, спречи Алкалоид да се врати комплетно во натпреварот, а Охрид резултатски пак се одлепи на четири позитива (19-23).
Вреди да се напомене дека во повеќе наврати Алкалоид можеше да дојде и поблизу до ГРК Охрид во резултатот, ама се направија повеќе грешки во нападите и престапи. На десет минути пред крајот, Алкалоид пак дојде на минус од два (21-23), се почна со поагресивна игра на Јасухира која изнуди грешка кај Јапонецот, ама Борзаш не реализира напад против Пилиповиќ за минус еден. На спротивната страна не погреши Ѓукиќ, исклучување доби и Аларов, па тука веќе мечот беше готов иако Алкалоид бркаше да избегне пораз до самиот финиш.
Најдобар стрелец кај ГРК Охрид беше Косуке Јасихура со седум гола, а Анте Иванковиќ погоди четири пати. Голем удел во победата имаше и голманот Кристијан Пилиповиќ со десет одбрани. Кај Алкалоид, Дамјан Митев постигна пет гола, а Урош Борзаш и Ненад Костески имаа по четири гола.







