• Иван Димовски

Ракометарите на Охрид му го нанесоа првиот плеј-оф пораз на Вардар 1961 (26-24) во Суперлигата на Македонија. Екипата која веќе ја обезбеди титулата и математички не успеа да слави против мотивираниот противник кому бодовите му беа многу поважни. По голема борба на крајот тимот на Борис Ројевиќ победи и направи важен чекор во борбата за второто место.
- Комплетниот натпревар меѓу ГРК Охрид и Вардар 1961:
Натпреварот во „Билјанини извори“ тргна со мирно темпо и цврста дефанзива, па тапа до седмата минута резултатот гласеше 2-2. Охрид почесто водеше во воведните десет минути, а гостинот потоа првпат дојде до предност (4-5). Одговори домаќинот со три погодоци, два преку Јасухира и еден преку Ѓукиќ за 8-5. И покрај тоа, преку Лазаревски и Пинто вардарци се вратија резултатски во игра, а потоа со голот на Митровиќ стигнаа до егал (9-9). „Гладијаторите“ поведоа последен пат во првиот дел со голот на Лиапис, за потоа Вардар да се наметне и на одмор да замине со 12-14.
Иако и во продолжението подобро влегоа момците на Чупиќ и поведоа со 12-16, следуваше посериозен пад во играта. Охрид направи мини-серија од 4-0 преку Ојлески, Иванковиќ, Ѓукиќ и Ристески со која прво се врати до егал, а потоа продолжи во ист стил. Расположен беше поранешниот крилен играч на Вардар, па со двата гола на Ѓукиќ и по еден на Лиапис и Иванковиќ домашните поведоа со највисоки 21-17. Успеаја гостите да одговорат со два брзи гола преку Да Силва и Тузолана, но Охрид се одржуваше во позитива и пак дојде до 23-20. Сепак, од тој момент до крајот домашните ракометари доаѓаа до два разлика, па Вардар се враќаше на „минус еден“. Клучна веројатно беше интервенцијата на Пилиповиќ при 26-24, а иако не реализираа зицер, охриѓани добија уште една шанса по грешката на Митровиќ. До крајот на натпреварот немаше уште еден гол и „гладијаторите“ забележаа многу важна победа.
Со по шест гола кај Охрид се истакнаа Анте Иванковиќ и Косуке Јасухира, додека во таборот на Вардар се истакна Жоао Педро Да Силва со пет.

