• Иван Димовски
Ракометарите на Еурофарм Пелистер мораа сериозно да се измачат за да го скршат отпорот на Охрид и да победат со 31-27 (17-17) во третото коло од плеј-офот на Суперлигата. Избраниците на Алушовски воопшто не се посрамотија, напротив беа рамноправен ривал и водеа до пред самиот крај на средбата. Сепак, искуството, квалитетот и подолгата клупа веројатно беа пресудни за бодовите да останат за шампионот.
- Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Охрид:
„Гладијаторите“ одлично го отворија натпреварот и ја имаа воведната иницијатива, па во тој оериод водеа со 2-4. Домаќините се вратија до егал и потоа се играше гол за гол во продолжението на првото полувреме. Интересно беше дека пелистерци не водеа ниту еднаш во првиот дел, а Охрид имаше највисоки 10-13. Сепак, момците на Ангеловски до полувремето се вратија до егал и на одмор се замина со нерешени 17-17.
Првпат Еурофарм Пелистер поведе на стартот на полувремето (18-17), а се продолжи со целосно израмнетата игра и по паузата. Охриѓани делуваа опасно, ги користеа своите шанси и во два наврати во пресрет на завршницата водеа со по два гола. Пелистерци успеаја да се вратат до егал (24-24) на влезот во последните десет минути.
Домашните одбранија многу важен и долг напад, по што реализираа пенал и изнудија нова грешка на гостите. Погоди Борзаш, па следеше исклучување за Цехте и гол на Сафранко (27-26). Сепак, со двата гола на Кузмановски надоврзани на интервенцијата на Кизиќ, Еурофарм Пелистер направи исчекор и си ја обезбеди победата.
Токму Филип Кузмановски беше најефикасен играч на средбата со девет погодоци, а кај Охрид се истакна Гоце Ојлески со еден погодок помалку.