Охрид пружи отпор, но недоволно за изненадување против Еурофарм Пелистер

Ракометарите на Еурофарм Пелистер успешно минаа уште една пречка во плеј-офот на Суперлигата, откако пред својата публика со сигурни 34-30 (17-14) го совладаа составот на Охрид и со тоа го запишаа шестиот триумф во разигрувањето за домашната титула. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Охрид:

„Гладијаторите“, кои во плеј-офот се борат за четвртата позиција на табелата која што ќе им обезбеди меѓународни натпревари следната сезона, одлично го започнаа дуелот против фаворизираниот противник. Пешиќ и Мацуока беа мотивирани на стартот и најзаслужни што Охрид дури во неколку наврати и водеше со два гола разлика (3-5, 5-7), но откако Раул Алонсо повика тајм-аут, ситуацијата на битолскиот паркет драстично се промени. Кузмановски и Мамдух Шабиб се разиграа и гостинското водство набрзо се стопи. Лошиот период на охриѓани продолжи и во финишот од полувремето, а шампионот тоа го искористи и на пауза замина со предност од три гола (17-14).

Во вториот дел се играше порамноправно, затоа што Охрид пружи поголем отпор, но ниту тоа не беше доволно за изненадување и бодовите останаа во Битола. Охрид дојде до -2, но со серија на грешки и исклучувања не дојде во позиција да се бори за бод. Конечниот резултат од дербито гласеше 34-30 за шампионот. Охрид не можеше повеќе од чесен пораз во натпревар во кој настапи без Јотиќ, Сафранко и Орјоканидѕе.

Најпрецизни во „зелено-белиот“ табор беа Кузмановски со девет и Мамдух Шабиб со четири гола, а по три погодоци постигнаа Тајник, Костески, Пешевски и Хосни. За Охрид на висината на задачата беше Никола Јукиќ со седум гола, а по пет погодоци посстигнаа Пешик и Кукуловски.