Охрид промовира уште едно засилување, го врати младиот Наум Костов

Ракометниот клуб Охрид го промовира своето ново засилување, а станува збор за повратник во редовите на „гладијаторите“. 

Старо-нов ракометар на охриѓани е Наум Костов. Станува збор за 23-годишно десно крило кое по година и половина се врати во Охрид по настапите за Аеродром и Куманово каде што прикажа одлични партии и беше меѓу најдобрите поединци. Костов од следната сезона пак ќе тресе мрежи за матичниот клуб, а тој не го криеше задоволството за оваа шанса.

„Со задоволство го прифатив повикот од тренерот и управата да бидам дел од клубот. Охрид е мој матичен клуб, каде започнав да играм ракомет и ги поминав сите младински категории, па така знам какво задоволство претставува да се игра пред домашната публика и Рибари. Се надевам на добра и успешна сезона“, изјави Костов.

Досега Охрид официјално го претстави уште Дејан Кукуловски, додека договорени се и доаѓањата на голманот Градимир Чаневски, како и српскиот кружен напаѓач Живан Пешиќ. „Гладијаторите“ ги задржаа носителите на играта со нови договори и се добиваат сите предуслови за екипата на Стевче Алушевски да биде многу конкурентна во новата сезона.