Охрид повеќе од 50 минути го мачеше Вардар, ама бодовите заминаа за Скопје

Македонскиот ракометен шампион Вардар 1961 забележа нова победа во Суперлигата, откако на гости кај Охрид славеше со два разлика, во натпревар во кој домаќините повеќе од педесет минути го мачеа големиот фаворит, но на крај бодовите заминаа за Скопје (29-31).

  • Koмплетниот натпревар меѓу Охрид и Вардар 1961:

Охриѓани мотивирано го отворија дуелот со големиот фаворит и на стартот играа рамо до рамо со момците на Веселин Вујовиќ. Охрид двапати имаше водство, но по израмнувањето на 4-4, Вардар ја пронајде својата игра и влезе во серија. Дибиров и Талески беа расположени за голови и го водеа својот тим до сигурно водство на полувреме од 11-15.

По паузата, домаќините, носени од одличната атмосфера во салата и разиграниот бек Милошевиќ, на неколку наврати му запретија на шампионот и ја намалија негатива на само два гола. Големата борба во „Биљанини Извори“ продолжи, а во 50. минута присутната публика со овации го поздрави голот на Младеновиќ за доближување на само еден гол (24-25). Сепак, во клучните моменти моќта на Вардар дојде до израз и „црвено-црните“ со серија на лесни погодоци извојува заслужена победа од 29-31.

Дибиров со осум и Талески со пет гола беа најпрецизни во таборот на Вардар, додека кај Охрид се истакнаа Шилегов со шест и Додиќ и Милошевиќ со по пет гола. Вардар 1961, како и Пролет и Еурофарм Пелистер има три од три и со максимален учинок го чека дербито со битолчани следната сабота во СЦ „Јане Сандански“.