Охрид покажа моќ на европскиот меч со азербејџански Баки

Екипата на ГРК Охрид само формалности ја делат од следната фаза во Европскиот Куп на ЕХФ, затоа што славеше над азербејџански Баки повеќе од убедливо (44-11) во првиот дуел од второто коло.

Првиот од двата меча кои ќе се играат во градот крај езерото заврши со сигурен триумф на македонскиот првак. Избраниците на Борис Ројевиќ доминираа од првата до последната секунда, а илустрација на силата е разликата уште по првото полувреме која беше 24-7.

Најдобар стрелец на натпреварот во СРЦ „Билјанини Извори“ беше Анте Иванковиќ со девет постигнати гола од десет обида, а по него следеше Дарко Ѓукиќ со шест постигнати гола. Кај Баки, Камран Мамадов имаше четири гола.

Вториот дуел меѓу ГРК Охрид и Баки се игра утре (недела) со почеток од 18:00 часот исто така во охридскиот ракометен дом.