Охрид парираше едно полувреме, Еурофарм Пелистер втор патник на Ф4

Ракометарите на Еурофарм Пелистер не дозволија изненадување и го совладаа Охрид во финалето на групата во Купот на Македонија со 25-32 (16-18). Средбата која се одигра пред солидно пополнетите трибини во салата „Билјанини Извори“ понуди битка некаде до почетокот на вториот дел, а потоа фаворитот се наметна и зачекори кон победата и завршниот турнир. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер:

Во натпреварот двата тима влегоа рамноправно, а прв до поосетна предност дојде достинот од Битола. По стартните 2-2 следеше подобра игра на пелистерци и водство од три разлика. Охрид имаше одговор на тоа, успеа во текот на полувремето да се врати до егал, првпат 9-9, но во завршницата на првиот дел пак следеше благ пад (16-18). 

Еурофарм Пелистер играше добро во напад и поцврсто во одбрана, па почна да гради предност. Избраниците на Алушовски се обидуваа да парираат, меѓутоа почнаа да заостануваат (18-22). Шампионот на Македонија во завршните петнаесетина минути заигра уште подобро, а со тоа предноста порасна и на крајот дојде до убедлива победа. 

Охриѓани немаа решение за капитенот на пелистерци Филип Кузмановски кој го заврши мечот со осум реализации, додека седум гола даде Богдан Радивојевиќ. Кај „гладијаторите“ пак најефикасен беше Гал Цирар со шест погодоци.

Финале на четвртфиналната група 4
Охрид - Еурофарм Пелистер 25-32 (16-18)

Спортска сала „Билјанини извори“ -- Охрид
Гледачи: 2.000
Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов

Охрид:
Ѓоргевски, Ристевски, Ојлески 2, Андоноски, Матцуока, Јукиќ 5, Стоилевски, Дрогришки, Пелидија 2, Шипинкоски, Тасески 1, Шафранко 3, Крстевски 1, Орјоканидзе 3, Бојаниќ 2, Цирар 6
Седмерци: 3/2
Исклучувања: 4 минути

Еурофарм Пелистер:
Лесјак, Гедбан, Манасков 4, Цехте 3, Кузманоски, Тајник 3, Борзаш 2, Танкоски, Радивојевиќ 7, Кузмановски 8, Пет. Атанасијевиќ, Ѓорговски, Васиљев 2, Пешевски 3, Сери, Пав. Атанасијевиќ
Седмерци: 1/0
Исклучувања: 8 минути