• Мартин Танасковски
Екипата на ГРК Охрид лесно и убедливо славеше над Аеродром (37-30) во претпоследното коло од регуларниот дел од Суперлигата и така скоро и да се познати сите патници во плеј-офот и во плеј-аутот во рамки на Групата Б.
- Комплетниот натпревар меѓу Аеродром и ГРК Охрид:
Аеродромци на мечот кој на хартија беа домаќини, но играа во улога на гости, беа во егал дваесетина минути. Дебитантот се носеше со фаворитот до резултат 11-12, а потоа се распадна. До крајот на полувремето избраниците на Петровски влегоа во мала голгетерска криза, одбраната на Охрид се стегна, па „рибарите“ на пауза имаа 15-22.
Тоа беше доволно за поискусната екипа на Алушовски да си го трасира патот кон победата против ривалот кој е составен само од домашни ракометари. Во вториот дел разликата константно беше висока, а во финишот се дојде и до двоцифрен плус. Најдобар стрелец кај победникот беше Гал Цицар со сеудм, пред Никола Шипинкоски со шест гола, а Иван Тасески и Теимураз Орјоникидѕе стрелаа по петпати, додека кај Аеродром, Наум Костов имаше осум, а Бучуковски и Трифуноски имаа по четири гола.
Од Групата А во плеј-офот патуваат Алкалоид, Тиквеш, Охрид и Струга. Дилема е само второто место кое ќе се решава во последното коло и кој ќе пренесе повеќе бодови. Во плеј-аутот, пак, одат Аеродром, Еурофарм Пелистер 2, Куманово и Скопје, а и тука ќе решава последното коло околу конечниот пласман.
Во последното коло дуелите од Групата Б се Тиквеш - Алкалоид, Охрид - Скопје, Струга - Аеродром и Куманово - Еурофарм Пелистер 2.