• Горан Упале
Ракометарите на Охрид уште еднаш ја потврдија фаворитската улога во соочувањето со Дукла Прага и со победата на гости кај Дукла Прага го потврдија пласманот во четвртфиналето од ЕХФ Европскиот Куп. По триумфот на домашен терен од девет гола разлика (30-21), вечерва охриѓани одново го надиграа противникот и славеа со сигурни 24-30.
„Гладијаторите“ помотивирано го отворија натпреварот во чешката престолнина. Иванковиќ и Ѓукиќ беа расположение за надигрување и го одведоа својот тим на предност од три гола (2-5). Но, домаќинот брзо се разбуди, реагираше соодветно и во петнаесеттата минута израмни на 7-7. Во следните пет минути се играше гол за гол, а потоа следуваше нов налет на македонскиот тим и враќање на сигурната предност од три гола (9-12). До крајот на полувремето Дукла успеа само да ја намали негативата на два гола (13-15). Зимското засилување Прибетиќ одигра речиси перфектно полувреме и со четири гола беше најпрецизен кај Охрид, Ѓукиќ имаше три гола, а меѓу стативите Плипиповиќ собра пет интервенции.
Охрид не попушти ниту во вториот дел, се разиграа Петриќ и Ојлески и Дукла беше приморана уште еднаш да му честита победа на македонскиот суперлигаш и тука да ги заврши настапите на меѓународна сцена. Охрид, пак, за првпат во својата клупска историја ќе игра европско четвртфинале. Најдобар поединец кај Охрид беше Прибетиќ со седум гола, два помалку имаа Ојлески и Пешиќ. Пилиповиќ беше фантастичен на голот со 12 интервенции.
Натпреварот во Прага го одбележа и запросување. За време на полувремето Валентин клекна и ја запроси љубовта на својот живот – Јована.




