Охрид и Вардар Неготино патуваат во групите од Купот на Македонија

Уште два суперлигаши патуваат во следната рунда од Купот на Македонија, тоа се екипите на ГРК Охрид и Вардар Неготино кои лесно се справија со предизвиците.

ГРК Охрид на Стевче Алушовски не виде мака против Младост од Богданци кого го доби со 34-19 (20-9). Работите на мечот во салата „Билјанини Извори“ беа јасни уште по првиот дел. Прво име кај победникот беше Шешиќ со седум, пред Каракоч со шест гола, додека кај Младост, Николоски имаше шест, пред Каркалашев со четири гола.

Вардар Неготино гостуваше кај Кичево и успеа да слави со 41-21 (25-11). Најдобар стрелец беше Ѓорѓи Орешков со 13 гола, пред Мирослав Митевски и Костадин Петров со по пет реализации, додека кај кичевчани Филип Тошев даде пет гола.

Во групната фаза место обезбедија и Пролет, Прилеп, Куманово, Струга, Голден Арт, Бутел Скопје, Алкалоид, Тиквеш, Еурофарм Пелистер, Еурофарм Пелистер 2, Радовиш и Мулти Есенс.

Најнови вести од
Куп на Македонија, Македонија