Охрид го урна Еурофарм Пелистер и го освои првиот трофеј на својот Меморијал!

Ракометарите на ГРК Охрид извојуваа голем успех и го победија Еурофарм Пелистер во финалето на Меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ со конечен резултат 31-26. Ова е одличен и трофеен старт за новиот проект на амбициозниот суперлигаш и стручниот штаб на тренерот Борис Ројевиќ. 

Пелистерци почнаа подобро и отворија со 0-2. Но, потоа не реализираа шест напади и по серијаата 4-0 на домаќинот Гарабаја побара тајм-аут. Јотиќ и Ѓукиќ погодуваа и домаќинот делуваше помотивирано.

Сепак, на +3 Брестовац одбрани неколку топки, Манасков од седмерци и Видомски погодија во мини-серија и битолчани се вратија до егал во 24. минута.

Дури и шампионот на Македонија поведе во 25. минута, но со серија 3-0 (два гопа на Кукуловски и еден на Ѓукиќ) Охрид на одмор замина со 12-10. Во првиот дел не добија шанса Хосни кај гостите и Вејин кај домаќините.

Пелистер тргна малку поангажирано на стартот од вториот дел, но Ѓукиќ ја одржуваше предноста на охриѓани и стигна до својот петти гол. Домаќинот потоа заигра подобро, побегна на +3 и имаше напад за четири гола предност, но Дејан Манасков врати на два гола негатива за битолчани. 

Следуваше период кога се играше „гол за гол“, но Охриѓани беа во солиден налет и останаа со три гола предност во 45. минута (20-17). Веднаш потоа се „одлепија“ и на +4 со голот на Савревски, по што Рубен Гарабаја мораше да побара тајм-аут. Хосни доби шанса на паркетот и веднаш се запиша во листата на стрелците, но домаќинот тргна уште посилно во продолжение и со седмерецот на Ојлевски стигна до предност од пет гола, најавувајќи дека е далеку порасположен за трофејот. 

Во 51. минута беше 24-20, период во кој видовме по неколку греши на двете страни. Гарабаја ја промени одбраната, по што Охрид имаше мали проблеми во офанзива. Мартин Јовановски фати една топка, иницирајќи мини серија на битолчани, кои постигнаа два брзи гола, но пропуштија шанса за враќање на само гол негатива. 

Следуваа две експлозии од Дејан Кукуловски, постигна два гола и го одведе својот тим на +4 на истекот на 55. минута. Пелистерци не ја искористија и последната „сламка“ за враќање во натпреварот, па мораа да се помират со пораз. Охрид ја освои првата титула на турнирот „Крсте Андоновски“ и донесе огромна радост за публиката во „Билјанини Извори“. 

Дејан Манасков постигна седум гола кај Еурофарм Пелистер, додека најдобар поединец во победничкиот тим беше Дарко Ѓукиќ, кој впиша еден погодок помалку. Четири гола постигна Ловро Јотиќ. 

ФОТО: Tournament Krste Andonovski / Денис Дуковски

Најнови вести од
Клупски пријателски