Охрид го среди Тиквеш за крај на одличната суперлигашка сезона

Ракометарите на Охрид со победа над Тиквеш од 29-24 (16-11) ја затворија сезоната во Суперлигата. „Гладијаторите“ со своите навивачи во салата „Билјанини Извори“ го прославија пласманот на евро-сцената и на одличен начин ја спуштија завесата на оваа кампања. 

  • Комплетниот натпревар меѓу ГРК Охрид и Тиквеш 2014:

Пресметката тргна во знакот на кавадарчани. Екипата на Тиквеш влезе добро во мечот, поведе со 1-3, а бргу потоа и со највисоките 2-5. Сепак, тогаш избраниците на Алушовски се „разбудија“ и се вратија резултатски до егал (6-6). Во следниот период се играше гол за гол, за пред полувремето Охрид целосно да се наметне. „Гладијаторите“ уфрлија во брзина повеќе и ги казнија сите грешки на гостите за на одмор да заминат со предност од 16-11. Вреди да се напомене дека првиот дел со по шест реализации го завршија Гоце Ојлески и Срѓан Мијатовиќ. 

Вториот дел продолжи со исто темпо, но само на почетокот. Тиквеш бргу успеа да се крене и со неколку мини-серии се приближи на 21-20. Охриѓани го издржаа налетот на гостинот и одговорија добро, па со серија од 3-0 се одлепија на 26-22 на влезот во последните десет минути. Во финишот момците на Алушовски успеаја да го задржат водството и запишаа победа за крај на сезоната. 

Најефикасен играч на натпреварот беше Ојлески со осум гола, додека по седум кај Охрид имаа Мијатовиќ и Анастасовски.

ФОТО: Анамарија Момировска/ГРК Охрид