• Мартин Танасковски

Екипата на ГРК Охрид забележа убедлива победа на домашен терен над ГРК Тиквеш (36-31) и така „рибарите“ се вратија во игра за второто место на табелата во групата А во Суперлигата, пред разигрувањето во плеј-офот за Европа и за титулата.
- Комплетниот натпревар меѓу ГРК Охрид и Тиквеш 2014:
Првиот натпревар во Кавадарци екипата на Тиквеш го доби со два гола, но Охрид беше далеку поубедлив на домашен терен. Сега разликата меѓу двата тима е три бода, што е една победа, а доколку на крајот од регуларниот дел бодовното салдо е израмнето, Охрид ќе има предност поради подобриот меѓусебен скор.
Што се однесува до мечот кој стартува со задоцнување од еден час поради доцнење на службените лица поради снег, домашниот тим и Тиквеш играа егал на стартот. Разликата цело време беше еден до два гола, а пред крајот на првиот дел, од 12-10, домашната екипа замина на плус четири и ја одржа таа предност до паузата (15-11). Во ниту еден наврат од вториот дел Тиквеш не се доближи сериозно до тимот на Алушовски, а највисокиот плус на Охрид беше девет гола.
Најдобар стрелец кај победникот беше Гал Цицар со девет гола, а Теимураз Орјоникидзе даде осум гола, додека Деан Шешиќ имаше седум погодока. Кај Тиквеш, Никола Стефановиќ даде седум, пред Манасков, Симиќ и Обина со по пет гола.
Во последните две кола Тиквеш игра со Скопје (гости) и Алкалоид (дома), додека Охрид се среќава со Аеродром (гости) и Скопје (дома).