• Мартин Танасковски
Македонскиот ракометен суперлигаш ГРК Охрид ќе игра во полуфиналето на Европскиот Куп на ЕХФ! „Гладијаторите“ пред својата публика го одиграа реваншот со грчки Олимпијакос кој заврши со резултат 25-24, доволен за место во следната фаза заради првата победа во Грција.
Избраниците на Борис Ројевиќ во ниту еден момент не дозволија мечот да донесе доза неизвесност. Беа подобар ривал од грчкиот противник, а голема помош им беа полните трибини и константната поддршка. Уште од почеток Охрид ги презеде работите во свои раце и водеше константно.
Прво беше 6-4, потоа и 9-7, а во еден момент од мечот, Охрид имаше и четири гола позитива (14-10). До паузата, Олимпијакос ја преполови негативата на 14-12, а во вториот дел и двата тима беа близу резултатски, но охриѓани ниту еднаш не дозволија доза неизвесност на домашно тло кога се говори за вкупниот резултат. Домаќинот до победата дојде во самиот финиш.
Анте Иванковиќ беше лидер кај стрелците со осум гола, го следеше Томи Јагуриновски со четири гола, додека Вуко Борозан и Дарко Ѓукиќ имаа по три гола. Голманот Кристијан Пилиповиќ забележа 10 одбрани. Кај Олимпијакос, Савас Савас имаше пет гола.
Во полуфиналето на ЕХФ Купот, ГРК Охрид ќе игра со словенечки Целје.


