• Горан Упале

Македонскиот суперлигаш Охрид не застанува со креирањето на составот за идната сезона, затоа што во амбициозниот проект и официјално ќе му се приклучи уште еден ракометар.
Од следната сезона нов член на „гладијаторите“ ќе биде Адамa Кеита, крило, кое што во својата кариера долго време ги бранеше боите на европскиот гигант ПСЖ. Французинот во Охрид ќе се пресели од редовите на АЕК, каде што настапува во последните две сезони.
„Можам да кажам дека кај нас доаѓа и левото крило Адамa Кеита, поранешен играч на Пари Сен Жермен кој ги бранеше боите на АЕК две сезони“, рече Ројевиќ за „Моцарт Спорт“.
Српскиот стратег на клупата на Охрид откри дека нивна голема желба е и останување на јапонскиот ас Косуке Јасухира.
„Тој има договор во Кувајт со Бурган. Би сакале да го задржиме. Видовме сега против Целје колку ни значи, би сакал, но... Ќе ни биде тешко да успееме во тоа“, додаде Ројевиќ.
Покрај хрватскиот голман Дино Славиќ, беа претставени уште две засилувања, унгарскиот десен бек Доминик Мате од Елверум и македонскиот среден бек Мартин Карапалевски од Ваљадолид.







