• Мартин Танасковски

Екипата на ГРК Охрид ја забележа првата победа во дербијата во македонскиот ракомет оваа сезона. По ремито со Еурофарм Пелистер и поразот од Вардар, тимот од градот крај езерото славеше над Алкалоид (26-24) во средбата на последните два освојувачи на Европскиот Куп на ЕХФ.
- Комплетниот натпревар меѓу ГРК Охрид и Алкалоид:
Натпреварот почна со доста агресивна игра и на двете страни, тоа донесе повеќе исклучувања и мал број на голови. ПО десет минути резултатот беше 3-3, а првиот удар на мечот го зададе Алкалоид, кој поведе со три гола предност (4-7) благодарение на двата брзи гола на крилата Костески и Тодарсон. Сепак, гостинот влезе во проблеми со две исклучувања на Сухолежник и Стојковиќ, а тоа Охрид го искористи и воден од Стрмљан, Иванковиќ и Мате израмни на 7-7.
Алкалоид кризата ја прекина преку Дамјан Митев, но пак нападот затаи и со технички грешки, му се овозможи на ГРК Охрид да поведе со 10-8. На пет минути до паузата беше 11-9, а до паузата предноста за домашните порасна на четири гола (15-11). Свој печат на првиот дел остави и голманот на Охриѓани Дино Славиќ со пет одбрани.
На стартот на второто полувреме, ГРК Охрид на Ројевиќ продолжи да игра во добар ритам, па се одлепи на високи 19-13. Алкалоид беше во голем проблем, а во следните минути не успеа да најде решение за загатката на „рибарите“ кои одиграа одличен натпревар пред својата публика и го добија првото сезонско дерби, иако во еден наврат дојде на минус од три гола.
Најдобар стрелец кај ГРК Охрид беше Доминик Мате со шест гола, но најголем удел во победата има голманот Дино Славиќ со десет одбрани. Кај Алкалоид, Никола Костески даде шест гола, а Дамјан Митев имаше пет гола.





