• Иван Димовски

Ракометарите на Охрид претрпеа втор пораз на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски, овојпат од Целје Пивоварна Лашко со 26-29 (11-15). Избраниците на Алушовски парираа на моменти против словенечкиот ривал, но немаа сили за изненадување.
- Целосниот натпревар меѓу Охрид и Целје:
„Гладијаторите“ ја имаа почетната минимална предност, но гостинот добро се носеше и држеше егал. Екипите се менуваа во водството, не успевајќи да се одлепат. Гол за гол се играше до финишот на полувремето кога беше 11-11, а потоа во финишот на првиот дел Целје со серија од 0-4 се одлепи и на одмор замина со 11-15.
Охриѓани не се откажаа и на стартот на продолжението ја намалина негативата. Домаќините дојдоа најблизу на гол дефицит (16-17), ама ривалот успеа да го издржи налетот. И вторпат момците на Алушовски успеаја да дојдат на „минус еден“ при 20-21, а тогаш Словенците се консолидираа. Предноста почна да расте, достигна максимални плус шест (21-27) и Целје сигурно зачекори кон победата.
Охрид го забележа вториот пораз на турнирот, додека Целје тргна со победа. Доколку Словенците ја оправдаат фаворитската улога утре против Партизан, во последното коло ќе играат директен дуел за финале против Вардар.