• Горан Упале
Европската ракометна федерација ги објави составите за првиот домашен натпревар на женската селекција на Македонија во квалификациите за Европското првенство во 2026 година.
Во Битола ќе гостува селекцијата на Словенија, која за разлика од нашиот национален тим извојува триумф во воведното коло и во подобро расположение ќе го дочека овој дуел. Во составот на Македонија одново ја нема нашата најдобра ракометарка Сара Ристовска, која поради повреда не му се стави на располагање на селекторот Грчевски. Така, наши најголеми адути против Словенија ќе бидат Ризоска, Младеновска, Џатевска...
Во однос на натпреварот во Германија во составот на нашата селекција има три измени. Надвор од стројот на селекторот се Чурлевска, Јанеска и Миленкоска, а шанса ќе добијат Илиќ, Јанкуловска и Коцева.
Ослабена ќе биде и Словенија, затоа што поради повреди во Битола не допатуваа капитенот Тјаша Станко и Манча Јуриќ, а Лана Пунцер е болна.



