• Иван Димовски

Екипата на Вардар како што беше веќе најавено, го потврди доаѓањето на Анте Кудуз за налето. Кудуз се договори со „црвено-црните“ за двегодишна соработка, а ќе пристигне од екипата на Динамо Букурешт, како еден од носителите на играта на овој тим.
Предводникот на вардарци, Стевче Алушовски за официјалната веб страница на Вардар зборуваше околу трансферот на хрватскиот интернационалец.
„Со ангажирањето на Кудуз би требало да добиеме на шутерски начин уште подобра лева страна и играч што ќе може да биде уште поубоит кон противничкиот гол. Неговите игри во Динамо, особено во Лигата на шампионите, беа одлична препорака. Верувам дека ќе успее да се вклопи во нашата концепција и систем на играње. Вардар веќе го создава тимот за следната сезона и сакаме да имаме повеќе расположливи квалитетни играчи на сите позиции. Очекуваме костурот на тимот да го задржиме, и со засилувањата Вардар да биде уште поконкурентни на меѓународна сцена“, вели Стевче Алушовски
Вардар, освен Анте Кудуз, веќе го доведе Васко Шеваљевиќ кој ќе биде на располагање во наредниот период, а ова лето заедно со Хрватот ќе пристигне и српското десно крило Дарко Ѓукиќ. Сепак, во Вардар може да пристигнат и нови имиња, со цел пак да биде конкурентен во Лигата на шампионите.