ОФИЦИЈАЛНО: Талески му кажа ДА на Вардар, се согласи на едногодишен договор

Вардар го официјализираше четвртото засилување во преодниот рок и од денес Филип Талески е нов член на европскиот првак. Тој потпиша договор на една сезона и по неколку години минати во Германија, пак ќе носи дрес на клуб од Суперлигата. 

Предводникот на проектот на Вардар 1961, претседателот Михајло Михајловски ни ја потврди соработката со поранешниот ракометар на Металург. Пред неколку дена левиот бек на македонската репрезентација и дефинитивно ја заврши својата авантура во дресот на бундеслигашот Балинген. Крушевчанецот во потрага по минутажа замина од Рајн Некар Левен во релативно послабиот клуб, но ниту таму не се изнаигра и по само една сезона ја смени средина. 

<<< ПОВРЗАНО - Михајловски: Уште среден и десен бек и мојот Вардар ќе биде комплетен

Вардар ја победи конкуренцијата на Бенфика и Данкерк, клубови кои беа загреани за Талески, но не успеаја да го доведат. Претходно, за услугите на левиот бек се интересираше Еурофарм Пелистер, но по потпишуањето со Мандалиниќ, битолчани се откажаа од доведувањето на македонскиот репрезентативец.

Уште пред две недели Стевче Алушовски отворено го покани Талески да се врати во Македонија и да го одбере Вардар и еве неколку недели подоцна трансферот доби своја реализација.

Претходно, Михајло Михајловски потпиша со Робин Кантегрел, Томислав Јагуриновски и Дмитри Санталов. Клубот ги продолжи договорите со Стојанче Стоилов, Тимур Дибиров, Кристијан Дисингер, Иван Чупиќ и Глеб Калараш. Во тимот остануваат и Борко Ристовски, Марко Мишевски, Марко Кизиќ, Стефан Крстевски, Стефан Атанасовски и Давид Гашовски.

Од ланскиот ростер, Вардар го напуштија Гедбан, Кугис, Пeлко, Кристопанс, Скубе, Горбок, Шишкарев, Толедо...