ОФИЦИЈАЛНО: Раул Гонзалез седнува на жешкото столче на Србија

Поранешниот предводник на Вардар 1961 и некогашен селектор на Македонија, Раул Гонзалез и официјално ќе седне на селекторското столче на Србија.

Оваа информација, за која медиумите од северниот сосед пишуваа уште пред неколку дена, ја потврди генералниот секретар на Ракометната федерација на Србија, Иван Миливојевиќ за ТВ Арена Спорт.

„Договорот со Раул Гонзалез е потпишан по одигрувањето на натпреварот со Италија. Тој ќе стапи на сила од 1 јули 2025 година, односно откако Раул Гонзалез веќе ќе нема обврски кон екипата на ПСЖ. Вакуумот во периодот додека Раул ја преземе репрезентацијата ќе го искористиме за да ја решиме моментната ситуација со Борис Ројевиќ и да најдеме преодно решение за претстојните натпревари од квалификациите за Европското првенство. Пред Раул е јасно поставена цел – пласман на Олимписките игри во 2028 година“, изјави Миливојевиќ.

Гонзалез е под договор со ПСЖ до крајот на оваа сезона, а веќе е најавено дека летово ќе замине од клубот. Со преземањето на Србија, шпанскиот стратег најверојатно ќе се фокусира само на работата со репрезентацијата на северниот сосед.