ОФИЦИЈАЛНО: Раул Алонсо потпиша двегодишен договор со Лајпциг

Бундеслигашот Лајпциг го промовира Раул Алонсо како нов тренер на својот тим. 46-годишникот се раздели со Еурофарм Пелистер иако имаше договор, па битолчани веројатно ќе добијат и обештетување. Веднаш по потврдата од македонскиот првак, пристигна и официјализација на новиот ангажман за Шпанецот. 

Лајпциг објави дека се договорил за двегодишна соработка со Алонсо, а тој ќе го поведе тимот на стартот на подготовките за новата сезона. 

„Навистина имавме среќа да најдеме некој што целосно ни одговара на проектот толку бргу. Алонсо ја познава Бундеслигата и знае точно што да очекува. Тој носи искуство од повеќе клубови и е возбуден за новиот предизвик. Убедени сме дека може да го достигне потенцијалот на овој наш тим. Ангажманот е многу важен чекор за нас и едвај го чекаме почетокот на патот со Раул Алонсо“, кажа директорот на германскиот клуб Карстен Гинтер. 

Освен него, краток коментар за сајтот на Лајпциг има и од шпанскиот тренер кој кажа:

„Многу сум среќен за новиот предизвик во Лајпциг. Клубот и градот ми даваат добри импресии, исто како и дискусиите со управата. Благодарен сум за довербата и едвај чекам да почнам да работам со тимот, да напредуваме чекор по чекор заедно“.

Раул Алонсо пристигна на битолската клупа во ноември 2024 година. Со Еурофарм Пелистер шпанскиот стратег ја освои Суперлигата, го загуби финалето во Купот на Македонија, а имаше солидни претстави и во Лигата на шампионите.