ОФИЦИЈАЛНО: Првенството прекинато, Киелце и Карачиќ прогласени за шампиони на Полска

Ракометната федерација на Полска се реши за радикални мерки и поради пандемијата на коронавирусот, ги прекина ракометните шампионати и прогласи прваци. Во машка конкуренција титулата му беше доделена на Киелце, па така поранешните вардарци Игор Карачиќ и Алекс Душебаев се закитија со златни медали. 

Оваа екипа беше лидер на табелата во полската Суперлига, со три бодови пред Висла Плок, екипа која имаше натпревар помалку од шампионот. На подиумот место заработи и тимот на Забрзе, кој сепак немаше шанси да го загрози водечкото дуо. 

Киелце на социјалните мрежи призна дека не се надевале на ваква разврска, но среќни се за титулата. 

„Не се надевавме дека во вакви услови ќе ја прославиме 17 титула во полскиот шампионат, но факт е дека оваа година на теренот покажавме најмногу“, напиша клубот.

Освен машката најсилна конкуренција во Полска, прекинат беше и женскиот шампионат каде што титулата замина за Лублин. На втората позиција се пласира Заглебје со четири бодови помалку, додека трет беше тимот на Кобиерзице.