ОФИЦИЈАЛНО: Ортега потпиша за Барса, Кузмановски доби нов тренер во Хановер

Трансфер-сагата околу заминувањето на Карлос Ортега во редовите на Барселона заврши. Искусниот шпански стратег се врати во татковината и од следната сезона ќе биде предводник на европскиот ракометен шампион. 

Оваа информација ја потврдија и од редовите на Хановер, каде Ортега, иако имаше важечки договор до 2023 година, истиот спогодбено е раскинат и бундеслигашот му дозволи на Шпанецот да ја преземе клупата на Барселона.

„Карлос е еден од најдобрите тренери во светот и заврши одлична работа во нашиот клуб. Преселбата во Барселона секогаш беше желба на неговото срце, па затоа му излеговме во пресрет. Ние му сме многу благодарни на Карлос за времето поминато во Хановер и му посакуваме голем успех во новиот клуб“, велат од Хановер.

Клубот каде што настапува нашиот репрезентативец Филип Кузмановски, експресно ја пронајде замената за Ортега, и за нов стратег го назначи поранешниот германски селектор Кристијан Прокоп.