• Горан Упале

Суперлигашот Охрид го официјализираше засилувањето кое што беше најавено пред извесен период. Македонскиот суперлигаш уште еднаш ги покажува високите амбиции за новата сезона, а за таа цел веќе започна сериозно да го засилува својот ростер.
Нов член на „гладијаторите“ од следната сезона ќе биде Живан Пешиќ. Станува збор за искусен кружен напаѓач кој настапува за екипата на Војводина од 2022 година. 30-годишникот се очекува да биде огромно засилување за охриѓани на линијата од шест метри.
„Се чувствувам исклучително привилегиран поради повикот и можноста да бидам дел од овој проект на Охрид. Се надевам дека во иднина заедно ќе ги оствариме краткорочните и долгорочните цели на клубот.
Исто така како играч ми претставува чест што ќе можам да тренирам по водство на тренер со такви искуство и знаење за ракометот во Македонија како Стевче Алушовски. Моја лична цел е да му помогнам на клубот да оствари подобри резултати во однос на претходната сезоната“, рече Пешиќ по промоцијата.
Искусниот кружен напаѓач во својата кариера има настапувано за Веспрем, Адемар Леон, Нексе, Целје и Војводина.