ОФИЦИЈАЛНО: Никола Митревски нов член на португалскиот шампион Порто

Еден месец по разделбата со Еурофарм Пелистер, репрезентативниот голман Никола Митревски пронајде нов клуб. Битолчанецот потпиша со првакот на Португалија, Порто и клубот денес ја официјализираше соработката. 

34-годишниот голман мина една сезона во Битола, откако претходно две години го носеше дресот на романската Доброгеа Суд. Митревски кариерата ја започна во Пелистер, а потоа играше уште за Вардар, Металург, Бенфика и Доброгеа Суд од Констанца. Враќањето на Митревски во Португалија е награда за неговата одлична сезона, во која беше прогласен за најдобар голман во СЕХА лигата, а неприкосновен е и на голот на националната репрезентација.

Митревски се обврза на двегодишен договор со Порто и ќе игра во Лигата на шампионите со „змејовите“. Добро го познава португалскиот јазик и лигата и нема да му треба многу време за аклиматизација. Митревски ќе го замени Томас Бауер на голот на португалскиот шампион, откако клубот не го продолжи договорот со Австриецот по неговиот истек. Негова конкуренција во Порто ќе биде репрезентативниот голман Алфредо Квинтана. 

Еурофарм Пелистер и натаму е во потрага по замена за Митревски на голот.