ОФИЦИЈАЛНО: Мотор Запорожје се приклучи кон СЕХА лигата

Шпекулациите добија потврда со потпишан договор - украинскиот првак Мотор Запорожје и официјално се приклучува кон СЕХА лигата од следната сезона. Уште еден стандарден учесник на групната фаза на Лигата на шампионите ќе го подигне нивото на регионалната лига и ќе биде ривал на македонските претставници Вардар и Еурофарм Работник.

„Се сретнавме во Виена, но денес официјално го потпишавме договорот. Драго ни е што екипа со таков престиж и регуларно место во Лигата на шампионите ќе игра во нашата лига. Мотор ќе продолжи да игра и во украинското првенство и во Европа, а со оглед што следната година СЕХА лигата се дели на две групи со по шест екипи, ќе си најде место и во нашето натпреварување“, рече Михајло Михајловски, претседател на СЕХА. 

Своето задоволство не го криеше ни претседателот на украинскиот првак Олимпи Покотов.

„Ова е значаен чекор напред во историјата на нашиот клуб. Наша цел е да се пласираме на „фајнал фор“ на СЕХА лигата и во долгедно време и да го освоиме натпреварувањето. Ние сме амбициозен клуб и едвај чекаме да започне натпреварувањето“.

Во дресот на Мотор настапува македонскиот репрезентативец Жарко Пешевски, но од следната сезона се сели во бундеслигашот Штутгарт.

Со приклучувањето на Мотор, скоро комплетиран е ростерот на тимови за следната сезона. Недостига само 12-от член, а покрај враќањето на Веспрем и договорот со Мотор, дебитант ќе биде и екипа од Кина.