Ивиќ: Во Битола веднаш се чувствувам како дома, сакам да освојам многу трофеи!

Ракометниот првак на Македонија битолски Еурофарм Пелистер го официјализира и промовира голманот Филип Ивиќ. 

Хрватот доаѓа во редовите на пелистерци од француски Шамбери, каде што бранеше претходните две сезони. Ивиќ потпиша договор со македонскиот шампион и следната сезона ќе биде дел од голманоското дуо со репрезентативецот Николче Митревски. Хрватот пристигна во Битола и ја имаше својата официјална презентација во нов член на Еурофарм Пелистер. Тој ги сподели првите импресии по пристигнувањето во Битола.

„Веќе разговарав со дел од соиграчите и им кажав дека веднаш во Битола се чувствувам како дома. Тоа за нас играчите во странство е многу важно. Екипата е супер, добро се работи. Со доста од ракометарите тука веќе сум играл, дали заедно или против нив. Битола е преубав град, луѓето се љубезни и сега се уверив во тоа. Сигурен сум дека тука ќе минам две убави години. 

Еурофарм Пелистер долги години е во врвот на македонскиот ракомет. Пред неколку години имаше тука доста хрватски играчи и тренерот Бабиќ. Ми се допаѓа што Македонија вложува во ракометот, лигата секоја година е се посилна. Конкуренцијата е засилена и со самото тоа патот до трофеите е отежнат. Го следам Пелистер долга низа години, мило ми е што дојдов да помогнам колку што можам и да освојам што е можно повеќе трофеи. 

Лигата на шампионите е „шлагот на тортата“, по мене за секој играч треба да биде чест што ќе игра во ова натпреварување во Битола. Велат дека групата е послаба од другата, но мора да се нагласи дека во Лигата на шампионите нема слаби противници. Видовте и минатата сезона дека е тешко да се игра било каде. Оваа екипа ја заслужува и првата победа. Јас и сите во екипата заедно со поддршката од трибините се надевам ќе дојдеме до неа“, изјави Ивиќ.

Кариерата на Ивиќ тргна во хрватскиот гигант Загреб. Потоа го одведе во Киелце каде што се задржа три сезони, а потоа бранеше и за Гумерсбах и Целје пред да замине во Франција. Ивиќ е репрезентативец на Хрватска со повеќе од 40 настапи во националниот дрес.