ОФИЦИЈАЛНО: Дејан Манасков е нов ракометар на Вардар 1961!

Македонското репрезентативно крило, Дејан Манасков има нов клуб, а на изненадување на многумина тоа е скопски Вардар 1961. Иако се најавуваше дека крилниот ракометар би можел да продолжи во странство, тој се реши за враќање во Суперлигата и „црвено-црниот“ табор. 

Манасков по пауза од шест години пак ќе заигра за Вардар. Македонскиот првак го загуби Тимур Дибиров кој замина во ППД Загреб, па тогаш се насочи кон репрезентативецот и успеа да го обезбеди неговиот потпис. Со тоа се потврдија амбициите на вардарци да се одбрани македонскиот трон, да се пребродат проблемите и пак да се игра во Лигата на шампионите. 

Во таборот на Вардар, Манасков доаѓа по неколку сезони во унгарски Веспрем. Крилото имаше одлични настапи, постигна над 540 погодоци за европскиот гигант, но реши дека е време за нова авантура. Тој ја надмина повредата и веќе е во тренажен ритам, а сега се врати во Вардар да помогне и се очекува да биде еден од најдобрите. 

Освен во Вардар и Веспрем, Манасков во кариерата мина низ Борец, Металург, Вецлар и Рајн Некар Левен.