Одложен Супер Глоуб, турнирот пред дефинитивно откажување

Уште едно големо ракометно натпреварување нема да се одржи заради пандемијата од ковид-19. Неофицијалното Светско клупско првенство во ракомет за мажи, ИХФ Супер Глоуб нема да се одржи во предвидениот термин, а прашање е дали ќе се најде термин за одигрување на турнирот годинава.

Турнирот во Саудиска Арабија, кој требаше да се одигра од 6 до 10 октомври, доби ново одложување, но мали се шансите да се најде „дупка“ во календарот за да се одигра оваа година. 

„Поради рестрикциите што државите ги воведуваат во однос на патувања кон и надвор од тие држави, принудени сме да го одложиме Супер Глоуб. Новите датуми за турнирот ќе бидат дополнително објавени“, напиша Светската ракометна федерација (ИХФ) на својата официјална веб страница.

Постои опција, ако се игра турнирот, покана да добие и Вардар како актуелен европски шампион од 2019 година, бидејќи тековната сезона е прекината и Европа нема нов ракометен владетел.