• Мартин Танасковски

Ракометната репрезентација на Македонија покажа две различни лица и доживеа пораз од Словенија (26-32) во рамки на квалификациите за Европското првенство кое ќе се игра во 2026 година. Тимот на Лазаров имаше фантастичен прв дел, но по неколку грешки во нападите и црвениот картон на Карасманакис тимот изгледаше поинаку, па Словенците тоа го искористија. Шанса за реванш нашиот национален тим ќе има во Копер за четири дена, во недела, 16 март од 18:30 часот.
Лазаров ги сврсти Кузманоски и Карасманакис во тимот на местата на Петар Атанасијевиќ и Никола Маркоски, а неговиот колега Зорман возврати со тим без Цехте, Зарабец, Мацковшек... Филип Кузмановски отвори капитенски со два ефектни гола, а две одбрани запиша и Никола Митревски. Словенците одговараа преку Блаж Јанц, но нашиот налет беше евидентен и моќен. Со четири гола на Филип Кузмановски и два на Марко Митев, нашата селекција поведе со 7-3 во 13. минута. Со прекрасен цепелин на двете наши крила, Цветан Кузманоски погоди на ефектен начин за +5. Словенците беа „нокаутирани“ и Урош Зорман повика минута одмор на 10-4 во 17. минута. Следеше реакција на словенечката селекција и со серија 4-1, инспирирана од Влах и Јанц, намали на 11-8.
Дополнителен проблем за нашиот селектор беше црвениот картон на Карасманакис во 21. минута, заради грб старт врз Блаж Јанц. Во кризните моменти на сцена стапија Митревски и Кузмановски, па погоди и Пешевски од линијата за 15-12 во 27. минута. Со далеку подобри напади од одбрани првиот дел заврши со македонска предност од 16-15. На стартот на второто полувреме, Словенија успеа да израмни со гол од крило и во продолжението битката беше изедначена.
Двете селекции играа гол за гол до 18-18, Митревски и Базник забележаа по една интервенција, а Словенија го презеде водството и првпат поведе на мечот преку Влах (18-19). Во продолжението нашиот национален тим направи техничка грешка, преку брз гол Благотиншек донесе плус од два за гостите (20-22) и тоа беше знак за тајм-аут на Лазаров. Сепак, Македонија не успеа да се поправи и да ги сопре Словенците во налетот. Ривалот постојано се одлепуваше, на десет минути пред крајот имаше 24-28, позитива која се покажа како висока за да се достигне и да се извлече позитивен резултат пред полната сала. Против себе шутерите на Македонија го имаа расположениот Јоже Базник, кој блескаше на голот и фаќаше шутеви од сите позиции.
Филип Кузмановски имаше одличен меч со 10 гола, пред Марко Митев со пет и Жарко Пешевски со четири гола, додека кај гостите, Алекс Влах даде десет гола, Блаж Јанц погоди седум пати, а голманот Јоже Базник имаше 12 одбрани.