Одензе во трилер завршница им го нанесе првиот пораза на Ристовска и ЦСКА во ЛШ

Ракометарките на Одензе им го нанесоа првиот пораз на руските ракометарки на ЦСКА Москва (26-25), во рамките на Лигата на шампионките. Екипата каде што настапува Сара Ристовска долго се бореше и имаше предност пред финишот, ама не издржа и загуби. 

Домаќинот од Данска ја имаше воведната предност и го контролираше минималното водство, со кое и замина на полувреме (12-11). Дури и по паузата, Одензе подобро отвори и поведе со за нив највисоки +3. Сепак, следеше инстантен одговор од ЦСКА и серија на голови за враќање, па пред финишот Русинките водеа со три голови. Одензе одново се зацврсти и во трилер завршница победи и ги освои бодовите. 

Македонската репрезентативка, Сара Ристовска постигна само еден гол на овој натпревар. Најефикасна беше Холанѓанката Абинг од Одензе со девет, пред Дмитриева и Илина од ЦСКА со по шесто реализации. 

Инаку, ЦСКА досега имаше пет победи и едно реми против лидерот Ѓер, па ова за нив е прв неуспех во Лигата на шампионите.