Од врвот до дното: Лани играше на Ф4 во ЛШ со Вардар, сега ќе игра во Втора лига

Норвешката репрезентативка Камила Херем, во последно време нема среќа во изборот на клубовите. Откако лани играше со ЖРК Вардар на завршниот турнир во Будимпешта, годинава со составот на Сола испаднаа од најквалитетната конкуренција во Норвешка.

Сола стигна само до десеттата позиција на табелата и мораше да игра бараж за опстанок против Раилинген. На првиот меч загубија десет голови разлика, 30-20, а на реваншот победија со осум, 25-17 и го загубија прволигашкиот статус.

Таа си замина од македонскиот шампион официјално поради семејни причини, но неофицијално поради неможноста да се адаптира на овдешниот начин на живот. Во меѓувреме нејзиниот сопруг, Стефан Стегавик не успеа да обезбеди трансфер во Металург, Вардар или Пролет, па се решија да се вратат назад во татковината. 

Херем е бремена, и паузираше во финишот на оваа сезона, но има договор со Сола и за следната сезона и ќе мора да игра во Втора лига по враќањето на ракометните терени. Претхдоно Херем, една година помина во Баја Маре, која се распадна по нејзиното заминување. Потоа играше за Холстебро, кој прогласи банкрот, додека слично сценарио го чека и Вардар, кој во следната сезона ќе има сосема поинаков изглед.