СП: Од минус четири, до плус еден – Португалија ја среди и Србија

По вчерашното големо изненадување и убедливата победа над Германија со седум гола разлика, вечерва кадетската репрезентација на Португалија забележа уште еден успех на Светското првенство за ракометери до 19 години, кое се игра во Скопје. 

Португалските надежи покажаа дека синоќешната победа над фоворизираната Германија не беше случајна и по фантастично второ полувреме славеа над селекцијата на Србија (22-21). 

Нашите соседи подобро отворија и во текот на сите 30 минути од првиот дел ја контролираа играта и константно ја зголемуваа предноста. На полувреме се замина со 11-7 за младите „орли“, но во продолжението Португалија се консолидира и заслужено стигна до минимална победа од еден гол разлика (22-21). 

На останатите натпревари од групата Д победи извојуваа селекциите на Исланд и Германија. 

Група Д: 
Бразил – Исланд 26-30
Србија – Португалија 21-22
Тунис – Германија 15-36

Табела: Португалија 4, Исланд 4, Србија 2, Германија 2, Тунис 0 и Бразил 0. 

Вечерва се одиграа и три натпревари од групата Б, во кои до сигурни победи стигнаа надежите на Франција, Шведска и Унгарија.

Група Б:
Египет – Франција  24-28
Тајван – Шведска 18-48
Канада – Унгарија 13-41

Табела: Унгарија 4, Франција 4, Шведска 2, Египет 2, Тајван 0, Канада 0

Утре, на програмата е второто коло од групите А и Ц, во кое Македонија ќе се сретне со Нигерија (20:30 часот).