Од Киелце велат: Го баравме Шишкарев, но како опција од 2020 година

Руското крило Данил Шишкарев беше поврзуван со трансфер во редовите на полски Киелце, но како што изгледа, до такво нешто нема да дојде. Вардаровиот ракометар ќе си бара нова дестинација по крајот на сезоната, но тоа нема да биде Полска.

Претседателот на полскиот тим, Бертус Сервас, истакна дека имал контакт со Шишкарев, но како опција од 2020 година. Засега, тој вели дека крилните позиции се добро пополнети и дека само се бара алтернатива за Блаж Јанц, кој во 2020 године ќе си оди од Киелце.

„Имаме двајца играчи на таа позиција за наредната сезона - Блаж Јанц и Аркадиус Морито. Не ни е потребен Шишкарев. Вистина е дека го контактирав. Но, само за да ги чујам неговите планови за 2020 година. Бараме опции ако Блаж Јанц си оди како што е најавено. Сега, нема официјална понуда до никого и нема да има нови играчи на оваа позиција“, истакна првиот човек на Киелце.

Сите ракометари од актуелниот ростер на Вардар ќе си бараат нова средина, со оглед на тоа што првиот човек Сергеј Самсоненко најави дека од наредната сезона нема повеќе да инвестира во „црвено-црното“ семејство. Можно е некои од нив да останат во Скопје, но се ќе зависи каква ќе биде иднината на македонскиот ракометен гигант.