Очекувано: Одложени дуелите на Вардар против ПСЖ и Порто

Екипата на Вардар соопшти дека гостувањата во Париз кај ПСЖ и она кај Порто во Португалија од групната фаза на ЕХФ Лигата на шампионите нема да се реализираат, а причина за тоа се позитивните ковид-тестови во „црвено-црните“.

По враќањето од Киелце, Полска каде Вардар во средата го одигра својот меч од ЛШ, еден ракометар на клубот се пожалил на зголемена телесна температура. Истиот бил тестиран по што било утврдено дека има позитивен тест.

Веднаш била тестирана целата експедиција што беше во Полска и позитивни тестови имаат уште неколку членови. Според протоколите сите ќе бидат во изолација како што е пропишано од здравствените власти.

За одложените средби во ЛШ ќе се бараат нови термини. Мечевите ПСЖ - Вардар и Порто - Вардар беа предвидени да се играат на 1 и 4 декември.