• Зоран Мишевски
Пред денешниот вечерен тренинг лицата на нашите ракометари делуваа озарено, ведро, мотивирано. Дали тоа е добар сигнал пред мечот со Норвешка ќе дознаеме утревечер. Селекторот е убеден во квалитетите на тимот и во фактот дека ракометарите се одмориле по убедливиот пораз од Хрватска.
„Мислам дека се одморивме. Уморот од мечот со Хрватска повеќе беше психолошоки од што беше физички, но важно е што овие 2-3 слободни дена ни донесоа нова енергија. Ја видовме Норвешка вчера против Полска и ни остави одличен впечаток. Мислам дека со нивниот стил на игра нема да можеме да менуваме толку многу ракометари одбрана - напад. Исто така мораме максимално да бидеме концентрирани во одбраната и да очекуваме меѓу 12 и 15 интеревенции на голманите“, истакна Обрван.
Тој се осврна и на алтернативите кои на мечот со Хрватска оставија солиден впечаток во второто полувреме:
„Задоволен сум од Гоце Ојлески и од сите ракометари кои добија шанса во вториот дел против Хрватска. Дали и како ќе ротирам утре против Норвешка уште не знам. Секој меч е посебен, многу работи зависат од тоа како мечот ќе се одвива и како ние ќе се навикнеме на него“, заврши селекторот.
Македонија одиграла три официјални мечеви со Норвешка и никогаш не ја совладала, а тоа може да биде загрижувачки податок пред мечот утре од 18.15 часот.