Обрван: Одигравме јуначки, заслуживме најмалку бод

Селекторот на македонската репрезентација Ивица Обрван, сериозен како и секогаш, на средбата со новинарите по мечот ги сподели емоциите од драматичната вечер во Краков.

„Честитки за двете екипи за витештвото. Одигравме јуначки меч пред 15.000 гледачи и не само заради завршницата, туку целосно мислам дека заслуживме бод. Тоа не ја намалува победата на полскиот состав кој имаше свои моменти и ги искористи. Немам замерки за одбраната, бидејќи примивме малку голови. До некаде го затворивме Јурецки, но мечот така се одвиваше што пивотменот ни даде шест гола. Сепак, генерално резултатот потврдува дека бевме борбени и дисциплинирани. Имавме проблеми на позицијата лев бек во текот на целиот меч и во тој сегмент шест на шест бевме дефицитарни. Жал ми е што не бевме наградени во последниот напад. Одигравме нормална акција, во која Кире требаше да шутира или да го побара кружниот напаѓач. Но, како и ние што би одиграле, и полската одбрана одигра како што треба и нè затвори. Под притисок промашивме доста зицери во последните 15 минути, а тие ги искористија своите шанси. Нам ни преостанува да се рекуперираме за мечот со Србија, кој ни е од витално значење на турнирот“, изјави Обрван.

Клучниот меч за нашиот останок на Европското првенство е во вторник од 18.15 часот против Србија.