• Зоран Мишевски
По утринскиот тренинг во „Краков арената“ попладнево македонските ракометари имаа едночасовен тренинг во малата „АВФ арена“ во непосредна близина на салата каде се играат натпреварите. Нашите репрезентативци и селекторот говореа пред новинарите и делуваа многу самоуверено, сигурно и мотивирано.
„Нашата одбрана нема да се менува. останува со 6-0 одбранбена формација, а имаме и резервни опции, кои можеби ќе ги употребиме ако за тоа има потреба. Ние не се насочуваме многу на противникот и во двете фази ќе играме како што ние знаеме. Подготвени сме во секоја смисла, имаме доволно енергија и верувам дека утре тоа ќе го покажеме. Задоволен сум како игравме и како тренираме и верувам дека тоа што го работиме, ќе донесе резултати на теренот“, рече Обрван.
Во претходните мечеви, кога Полска ја водеше Богдан Вента, двапати знаевме да го најдеме патот до победата. И на Мундијалот во Хрватска и на европското првенство во Србија, Македонија водена од Илија Темелковски и Звонко Шундовски ја победи Полска, и во двата меча на убедлив начин.