Обрадовиќ: Можеби Еурофарм немаше среќа, но ние знаевме како да го победиме

Екипата на Мешков Брест, иако пред само неколку дена претрпе тежок пораз од Вардар во Лигата на шампионите и во Битола отпатува со половични сили, сепак, ја искористи лошата партија на домашните ракометари и извојува заслужена победа од 32-35 против Еурофарм Работник. 

Еден од поискусните ракометари во редовите на белорускиот тим, Немања Обрадовиќ не го криеше задоволството од извојуваниот триумф против македонскиот вицешампион и истакна дека нивниот сериозен пристап беше одлучувачки за овој успех.

„Влеговме многу сериозно во овој меч, затоа што игравме со комбиниран состав. Знаевме против каков противник ќе се надигруваме, Еурофарм Работник е квалитетна екипа, но она што го договоривме во соблекувалната, го остваривме.

Свесни бевме дека ќе биде тешко, домаќинот имаше поддршка од публиката, но можеби на крај немаше доволно среќа и бодовите завршија кај нас“, рече српскиот бек. 

Поранешниот член на Металург мечот во Битола го заврши со два постигнати гола, а убедливо најдобар на теренот беше Валупау со 14 гола.