• Саше Љолес

Ракометарите на Тиквеш 2014 го остварија вториот триумф во плеј-офот на македонската Суперлига, совладувајќи го Бутел Скопје со конечен резултат 25-29.
- Комплетниот натпревар помеѓу Бутел Скопје и Тиквеш 2014:
Натпреварот од осмото коло донесе возбудлив ракомет, домашните подобро отворија и имаа водство од шест гола, но Тиквеш се созема, заигра поконкретно во одбраната, па тоа резултираше со враќање во егал пред истекот на првиот дел. До паузата кавадарчани успеаја да го преземат водството и заминаа на одмор со +2 (13-15).
Гостинот продолжи со солидно темпо и на стартот од второто полувреме, шутот проработе од повеќе страни, по што си создаде убава залиха од шест погодоци во 43. минута (16-22). Бутелчани се обидоа да се вратат и не сакаа прилично рано да го загубат мечот, одличен во нивниот состав беше Филип Николов, но Тиквеш ја одржуваше комотната предност во овие моменти.
Дејан Михајловиќ го одржуваше Бутел со четири постигнати голови за краток период, па така во 56. минута резултатот гласеше 23-27. Домаќините со сите сили се трудеа да останат непоразени, дојдоа и на -2, но со голот на Мартин Димовски на минута и пол до крајот, Тиквеш го реши победникот и го затвори мечот со конечни 25-29.
Најефикасен кај победничкиот состав беше Игор Кривокапиќ со осум голови, два помалку имаше Ани Обинна, додека на спротивната страна Михајловиќ го заврши мечот со шест гола, а осум постигна Николов. ЗаТиквеш ова беше само втор триумф во плеј-офот, втор над истиот противник.