Ново заминување од ППД Загреб: Божовиќ го напушти хрватскиот шампион

Проблемите во редовите на ППД Загреб како да немаат крај. Лошиот старт на сезоната во Лигата на шампионите донесоа тренерска смена, а од денес „плинарите“ останаа и без еден од најдобрите ракометари.

Се работи за левото крило Милош Божовиќ, кој во редовите на хрватскиот шампион пристигна во јануари оваа сезона како големо засилување од Татабања, но порано од предвиденото ја заврши својата епизода во Загреб.

„Божовиќ ги одигра сите пет натпревари од Лигата на шампионите, а од февруари досега има постигнато вкупно 36 голови на 9 натпревари. За жал, тој го напушта клубот пред време, но во коректни односи и со жалење што оваа ракометна епизода немаше поуспешна завршница. Му благодариме на Милош за неговиот професионален пристап и работа, и му посакуваме многу среќа во иднина“, се вели во соопштението на клубот. 

По пет одиграни кола во Лигата на шампионите, ППД Загреб има пет порази и е на последното место во групата Б.